3-ти декември Меѓународен ден на лицата со попреченост

3-ти декември се одбележува како Меѓународен ден на лицата со попреченост. На овој ден се нагласуваат на потребите и предизивиците со кои се соочуваат лицата со попреченост.Но, ние оваа година нема да ги нагласиме нивните предизвици, напротив ќе ви претставиме успешни приказни на лица со попреченост кои охрабруваат и мотивираат за поубаво и поуспешно утре.

Александар Матовски Цако

Александар е дипломиран професор по предучилишно воспитание и автор на три стихозбирки поезија. Работи во Град Скопје во Одделението за социјална, детска и здравствена заштита, а своите професионални знаења и компетенции ги користи за унапредување на социјалните услуги за граѓаните.

Тој е исто така автор на емисијата „Јас сум Цако“ на Радио МОФ, во која веќе шест години зборува за предизвиците и успесите на лицата со Даунов синдром, но и воопшто за случувањата што ги засегаат младите лица. Цако е голем активист и борец  за човекови права и права на лицата со попреченост.

Во 2016 година се обрати во седиштето на Обединетите нации по повод 21 март, Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, каде ја раскажа својата животна приказна и упати апел за градење на едно општество за сите.

Во слободно време пишува поезија, танцува, тренира карате и фотографира.

Kurt Fearnley

 

 

 

 

 

Kurt има освоено три медали на Параолимпијада, победено на повеќе од 40 маратони ширум светот и ја има искачено патеката Kokoda Track во Папуа Нова Гвинеја со највисока точка од 2.490 метри надморска висина и должина од 96 километри. Автор на е на книгата „PUSHING THE LIMITS: Life, Marathons & Kokoda“. Kurt е сопруг, татко на две деца и водител на позната австралиска телевизија.

Nikki Hind

Nikki Hind е првата модна дизајнерка со оштетен вид во Австралија.

Мајка е на две момчиња.

Основач е на Blind Grit модна линија која ја слави работата на лицата со попреченост.

Активистка е за правата на лицата со попреченост.

Ема Ананиевска

Ема е дипломиран музичар пијанист. Нејзината состојба со оштетен вид не ја спречува да постигне големи успеси, како во Македонија, така и надвор од неа. Како пијанистка има учествувано на многу концерти, хуманитарни настани и има освоено повеќе државни и меѓународни награди. Како едни од најзначајните настапи ги издвојува меѓународен натпревар во Москва како почесен гостин, два концерти во Белград по повод Меѓународен ден на белиот стап, гостувањето на фестивалот Денови на разноликоста во Музеј на современа уметност, двете гостувања на Бал на различности во организација на здружението Дајте ни криља. Активистка е за човекови права и права на лицата со попреченост. Слободно време го поминува во дружење со нејзините пријатели, нејзиното куче и во слушање на нејзините омилени бендови Queen, Pink floyd, The Smiths.

Искра Донева

Искра дипломира на два факултети, компаративна книжевност и надворешна политика и дипломатија. Церебралната парализа не ја спречува во остварување на своите соништа и животни цели. Повеќе од десет години работи во Град Скопје. За прв пат почнува да пишува и објавува поезија на седумгодишна возраст. Авторка е на десет книги поезија, меѓу кои „Говорот на срцето“, „Огледало“, „Феникс“, „Мравка“ и други. Нејзините дела се преведени на повеќе јазици, како англиски, полски, бугарски и француски јазик. Слободното време го поминува со своите пријатели и мачето. Обожава да готви и експериментира во кујната. Претседател е на здружениeто „НОВА ИСКРА“ кое е мотивација за посреќен, поисполнети попродуктивен живот на сите лица, а особено за лицата со ментална и физичка попреченост.

Јане Велковски

Јане е голем борец и застапник за децата со попреченост во Македонија. Минатата година го одржа својот говор во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, каде беше одбележан Светскиот ден на детето. Тој од сите побара да запре дискриминацијата и да се отстранат бариерите кои општеството кои поставува кон лицата со попреченост. Јане е многу активен во текот не денот. Оди на училиште, се дружи со пријателите, но најмногу од се обожава да игра и гледа фудбал. Фудбалот е неговата најголема пасија.